Трамп потпиша закон за формирање Вселенски сили на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп заедно со потпретседателот на САД Мајк Пенс, го држи официјалното знаме на вселенската команда на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп креираше нова воена служба - Вселенски сили на САД, која ќе биде фокусирана на воени дејствија во вселената. Новата воена служба, која е прва формирана во повеќе од 70 години, ќе биде дел од Воздухопловните сили на САД.

Вселенските сили ќе бидат шестата гранка на вооружените сили на САД, а Трамп ги креираше со потпишувањето на Законот за овластување на националната одбрана (НДАА).

Во воената база во близина на Вашингтон, Трамп ја опиша вселената како „најновиот светски воен домен.“

Тој додаде дека поради зголемените закани за американската национална безбедност, „супериорноста на САД во вселената е од апсолутно витално значење.“

По потпишувањето на законот, Пентагон соопшти дека технолошките промени во изминатите 70 години од создавањето на Воздухопловните сили „го трансформираа карактерот на вселенските активности.“

Пентагон наведе дека Кина и Русија ја направиле вселената нова арена на ривалство:

„Ние повторно го правиме она што е неопходно за да ја одржиме нашата конкурентска предност“, се вели во соопштението на Пентагон.

Вселенските сили првично ќе започнат со персонал од 16.000 луѓе и ќе бидат предводени од генералот на воздухопловните сили Џон Рејмонд. Седиштето на Вселенските сили ќе биде во Пентагон.