На состанокот за „Мал Шенген” и американски претставници

Архивска фотографија- Средба на Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ

Во следните два дена во Тирана ќе се одржи состанокот на лидерите од Западен Балкан, во рамки на иницијативата „Мал Шенген”, чиј домаќин ќе биде премиерот Еди Рама. Според тиранската телевизија Топ чанел, за разлика од претходните два состанока, што се одржаа во Нови Сад и Охрид, овој во Тирана ќе биде под американски надзор.

„Дипломатски извор потврди дека на оваа средба американскиот Стејт департмент ќе испрати двајца специјални претставници кои одблиску ќе ја следат работата на состанокот“, наведува телевизијата, а пренесува МИА.

На состанокот,покрај македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и домаќинот Еди Рама, Топ чанал јавува дека ќе присуствува и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Инаку, на трилатералната средба минатиот месец во Охрид беше усвоена Декларација со која се предвидува минување на границите само со лична карта, брзи ленти за камионите и меѓусебно признавање на дипломите, придружена со Акциски план од десетина мерки за нејзино спроведување.Албанскиот премиер Рама од Охрид тогаш најави и дека на следната средба се очекува да присуствува и новиот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.