Трамп го отфрли импичментот и го нарече измама

Претседателот на САД, Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп го отфрли процесот на импичмент против него и го нарече измама. Тој порача и дека нема да му пречи долго судење во американскиот Сенат, велејќи дека сака да види кој е свиркачот, чија жалба ги натерала демократите да започнат со истрагата.

„Тоа е многу тажна работа за нашата земја, но се чини дека е многу добро за мене политички“, рече Трамп, тврдејќи дека неговиот рејтинг на анкетите е зголемен.

Законодавно-правната комисија на американскиот Претставнички дом препорача импичмент за Трамп за злоупотреба на службената должност и за попречување на истрагата на Конгресот за неговите наводни обиди да ги принуди украинските власти да отворат истрага за поранешниот потпретседател Џо Бајден.

„Импичмент е измама. Тоа е бесрамно“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.