Османи - Ќе се почитуваат препораките, но нема да се менува Законот за јазиците

Вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека ќе ги почитуваат препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, со тоа што треба да најдат начин како да се спроведе мислењето на Комисија.

Османи смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците. Тие ќе работат, како што вели, на создавање капацитети, за спроведувањето на двојазничноста, за да не создава проблеми во општеството. Тоа, според него, може да се направи преку создавање капацитети во судството, во администрацијата, со цел, како што наведе, граѓаните Албанци да можат да го користат својот јазик во комуникација со државата и да бидат разбрани од државата.

Османи смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери ДУИ и СДСМ за законот.

За најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат амандмани на Законот за употреба на јазиците, Османи вели дека ДУИ ќе даде коментар кога ќе бидат официјално предложени.