На што може да падне претседателот Трамп?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп може да се соочи со три обвинувања за импичмент

Американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе се соочи со најмалку три обвинувања за импичмент во Претставничкиот дом кој е под контрола на демократите. Трамп пак по објавата на демократите дека продолжуваат со постапката за импичмент на Твитер изрази уверување дека ќе го победи во битката за негово отповикување.

Процедурата за сменување на претседателот Трамп тече во Претставничкиот дом чие мнозинство го чинат демократите.

Тие за ова би можеле да гласаат кон крајот на овој месец, за потоа постапката да продолжи во Сенатот каде што пак мнозинство имаат републиканците на Трамп.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во четвртокот објави дека побарала да се изготват написи за импичмент против 45-от претседател од страна на Судскиот комитет на Домот.

„Ако не постапевме по ова, пораката до кој било иден претседател, демократ, републиканец, било да е тој или таа, би била: вие можете да правите што сакате. Ако не постапевме по ова, треба да го измените Уставот и да отстраните импичментот, што им беше многу важен на нашите основачи“.

Со какви обвинувања може да се соочи Трамп?

Првиот член од постапката за импичмент најверојатно ќе биде залоупотреба на функцијата и мито.

Трамп е обвинет за злоупотреба на моќта на својата канцеларија со тоа што го замолил украинскиот претседател Володимир Зеленски да отвори истрага за демократот Џо Бајден, неговиот потенцијален противник на претседателските избори во 2020 година.

Вториот член е опструкција на Конгресот.

Имено, одбивањето на Трамп да се придржува кон конгресните покани издадени од иследниците за импичмент на Претставничкиот дом може да претставува основа за обвинение за опструкција на Конгресот.

Претходните претседатели кои беа соочени со импичмент го направија токму спротивното со што покажаа дека јапризнаваат легитимноста на конгресните власти за истраги и импичмент.

Третото обвинување најверојатно ќе биде за опструкција на правдата.

Тоа може да произлезе од извештајот објавен претходно оваа година од страна на специјалниот советник Роберт Мулер.

Мулер одби да препорача обвиненија за пречки против Трамп, но Домот може да го стори тоа, наведувајќи ги настаните наведени во извештајот на Мулер.