САД со санкции за руски хакер

Илустрација

Американското министерство за правда соопшти дека се покренати обвиненија против рускиот државјанин Максим Јакубец за банкарски измами и хакерски напади, при што тој наводно е лидер на организација за компјутерски криминал која нелегално заработила повеќе од 100 милиони долари од 2016 година до денес.

Истовремено, Министерството за финансии објави санкции против Јакубец и неговата фирма, која стои зад широко распространетата употреба на мултифункционален малициозен софтвер кој собирала податоци од повеќе од 300 банки и финансиски институции во повеќе од 40 земји, најголем дел во САД и во Британија.

Стејт Департментот распиша награда од 5 милиони долари за информации кои ќе помогнат за апсење на лидерот на хакерската група, чие седиште е во Москва. Јакубец наводно работи и за руската тајна служба.