Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека Анкара го повлекла својот приговор за планот на НАТО за зајакнување на одбраната на Полска и балтичките држави, додавајќи дека сега очекува поддршка од сојузниците во својата борба против тероризмот.
Турција се закани дека нема да го поддржи планот за Полска и за балтичките држави, ако Алијансата не ја поддржи нејзината борба против курдските организации во Сирија, кои Анкара ги смета за терористи.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на крајот на Самитот во Лондон рече дека Турција ја повлекла блокадата. Анкара се соочи со критики од другите членки на НАТО поради нејзината воена операција во Сирија за протерување на сириските курдски борци од турско-сириската граница. Курдските сили се бореа против ИСИС и беа сојузник на меѓународната коалиција предводена од САД. Ердоган исто така најави дека ќе се сретне со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија во Истанбул во февруари.