САД нема да се противат на мали измени во разграничувањето меѓу Србија и Косово

Американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет, вели дека САД сакаат дијалогот меѓу Белград и Приштина да доведе до траен договор кој ќе ги задоволува двата народи и доколку Приштина и Белград се согласат да разговараат за мали измени во разграничувањето, САД нема да се спротивстават на тоа.

Американскиот амбасадор за весникот „Газета експрес“ изјави дека за договорот ќе биде потребно време. Тој верува дека тоа е можно во 2020 година и додаде дека сегашната американска администрација е посветена на поддршката на овој процес.

„Ние сме посветени на мирот, правдата и просперитетот за сите на Балканот, а нашите пријатели од Европската унија исто така се вклучени во овој процес. Не мислам дека одложувањето на дијалогот ќе биде од корист за Косово, бидејќи тоа не и помогна на економијата на земјата. А имаме проблем со повлекувањата на признавањата“, рече Коснет.