Македонските историчари бараат одложување на средбата на комисијата со Бугарија

Членовите од македонска страна на заедничката комисија со Бугарија за историски и образовни прашања велат дека барањето за одложување на следната средба за по завршување на изборите во Северна Македонија немало за цел да се прекине со работа на комисијата. Во изјава за МИА тие велат дека барањето било да нема формални средби до завршувањето на изборниот процес, а во меѓувреме Комисијата може да разменува материјали и идеи по прашања, кои се тема на дискусија.

„Овој предлог е даден со цел да го заштитиме процесот кој го започнавме со колегите од Република Бугарија, а тоа е градење добрососедски односи преку решавање на отворените спорови поради различното толкување на минатото“, посочуваат за МИА македонските историчари.

Претходно денеска бугарскиот професор Кирил Топалов во изјава за бугаските медиуми вели дека бугарско-македонската комисија прекинува со работа, а оти како мотив за тоа од Скопје посочиле дека во земјата има важни предвремени избори.

На неколку последни средби на заедничката комисија најчести се несогласувањата за Гоце Делчев. Последниот состанок се одржа на 28 и 29 минатиот месец во Софија, а за Делчев повторно не ги приближија позициите.