Се утврдува дали Боки 13 може да го следи судењето за „Рекет“

Со доцнење од 45 минути започна судењето за случајот „Рекет“, оти се чекаше да биде донесен првообвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Тој издржува мерка притвор во КПУ Затвор Скопје.

Второобвинетата во случајот поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец, беа донесени со полициска придружба од домашен притвор. Јанева во судот дојде со нејзиниот син, кој го следи судењето.

Рочиштето веднаш на почетокот беше прекинато поради технички проблем со озвучувањето, потоа продолжи, за веднаш да биде дадена пауза од 20 минути за да се утврди здравствена состојба на Боки 13, односно - Дали може активно да ја следи главната расправа?

Јовановски и неговата одбрана тврдат дека поради неговата состојба активно не може да учествува во процесот. Тие велат дека не сакаат да го одолговлекуваат судењето, но Боки 13 не се чувствувал добро и 10 пати повраќал од сабајле.

„Состојбата не ми е добра, отсабајле 10 пати повраќав. Затворскиот доктор рече дека не сум во состојба да го следам судењето, но јас инсистирав да дојдам за да не го избегнувам судскиот процес. Но, не сум во состојба активно да учествувам“, рече Јовановски пред Судот.

Обвинителката во случајот Вилма Русковска, порача дека ако лекарите од Градската болница „8-ми Септември“ сметаат дека здравствената состојба му е добра, таа е сигурна дека ниту еден доктор не би ја ризикувал лиценцата. Обвинителката смета дека со ова само сакаат да го одолговлекуваат судењето.

Сите тројца обвинети се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а Јанева дополнително за злоупотреба на службената должност, додека Јовановски е обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело. Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска - Масевска.