СДСМ со барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување

Седиштето на СДСМ

Од СДСМ денеска соопштија дека партијата поднела барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Целта на барањето, според СДСМ, е да се спречат најавите да се врати незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

„Ова е шанса за пратениците на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дали се за правда или ќе слугуваат на криминалците. Христијан Мицкоски нека ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Барањето“, наведуваат од СДСМ.

Од владејчката партија обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад иницијативата пред Уставниот суд и дека со отворањето на постапка за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали.

Иницијативата да се разгледа поништувањето на одлуката за амнестија е поднесена до Уставниот суд пред околу три години. Со неа конкретно треба да се разгледа уставноста на одлуката на Иванов донесена во јуни 2016 година да ги поништи помилувањата. Таа одлука пак тој ја донесе по два месеца протести кои почнаа веднаш по одлуката за помилување, а потоа прераснаа во Шарена револуција.