Судење за „Монструм“ – Се бара Заев да биде повикан како сведок

Архивска фотографија - Судење за Монструм, обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

На денешното судење за случајот „Монструм“, еден од родителите на убиените кај Смилковско Езеро повторно повика премиерот Зоран Заев да биде повикан како сведок и Судот да ја обезбеди снимката од Собрание каде Заев, одговарајќи на пратенички прашања, зборува за петкратното убиство во 2012.

Денеска се изведуваа докази, односно се читаа СМС пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.

Родителот на еден од убиените инсистираше Заев да биде донесен додека е на функција премиер и да каже сè што знае и посочи дека премиерот во Собранието Заев некаде во февруари кажал многу важни работи.

„Судија да го повикате Заев да не избега и тој да се бања во некое џакузи како Груевски“, рече еден од родителите.

Судијата истакна дека кога ќе дојде време за тоа ќе биде побарана снимката и Заев ќе биде повикан како сведок, тогаш кога ќе се сослушуваат сведоците.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека Заев ќе биде повикан, истакнувајќи дека без оглед на неговата моментална професија тој мора да ја зборува вистината, а ако не ја зборува ќе сноси последици.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Но Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите.По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Судењето продолжува на 11 декември.