Девет жртви во земјотресот во Албанија

Штети од земјотресот

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека соседните земји, Европска унија и САД и понудиле помош на Албанија по силниот земјотрес во кој загинаа девет луѓе.

Тој додаде дека телефонски разговарал со италијанскиот, грчкиот и турскиот премиер, како и со претставници на Амбасадата на ЕУ и на САД во Тирана.

Во земјотресот се урнати најмалку три станбени згради од под чии урнатини досега се извлечени 23 луѓе и се хоспитализирани.

Според болнички извори досега се згрижени 300 повредени.

Силниот земјотрес што утрово ја погоди Албанија беше со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала.

Соседните земји најавија помош и соопштија дека испраќаат свои екипи да помогнат во погодените места.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска телефонски разговарал со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, за да му изрази сочувство за жртвите и повредените во земјотресот. Кабинетот на Претседателот се координира со Владата за да им се пружи помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените граѓани на Албанија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска испрати телеграма со сочувство до институциите и граѓаните на Албанија по земјотресот.


И од Алијанса за Албанците соопштуваат дека се солидаризираат и стојат на располагање да пружат помош. Бараат властите итно да одржат вонреден состанок за помош на Албанија.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска телефонски разговарал сопретседателот на Република Албанија, Илир Мета за да му изрази сочувство по земјотресот.