Холмс: Трамп не го интересира Украина, само личниот бенефит

Политичкиот советник на Амбасадата на САД во Киев Дејвид Холмс денеска изјави дека единствената грижа на американскиот претседател Доналд Трамп е само политичкиот бенефит и дека не му е грижа за Украина. Тој во својот воведен говор на сведочењето пред комисијата за импичмент во Претставничкиот дом на Конгресот кој е предводен од демократите истакна дека е загрижен за улогата на личниот адвокат на Трамп Руди Гилијани во Украина.

Холмс во своето сведочење раскажа како американскиот амбасадор во ЕУ Гордон Сондленд му рекол оти единствен интерес на Трамп се големи работи, „ како истрагата за Бајден“

„А јас си мислев дека големите работи се случуваат во Украина, како војна со Русија“ истакна на сослушувањето Холмс.

Комисијата денеска петти ден по ред сослушува сведоци. Нејзина задача е да утврди дали претседателот Доналд Трамп ја злоупотребил функцијата и дали се обидел да добие помош од странска влада против неговиот можен ривал на претстојните претседателски избори Џо Бајден. Во центарот на вниманието е телефонскиот разговор на Трамп со претседателот на Украина Зеленски при што Трамп побарал Киев да покрене истрага протув екс потпретседателот Бајден и неговиот син Хантер.