Мицкоски поддржува сè што е добро и за Македонија и за Бугарија

Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека на вчерашната средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов разговарале за многу прашања и дека тој лично поддржува сè што е добро и за Македонија и за Бугарија.

„Разговаравме и за Резолуција којашто се однесува на негирање на посебноста на македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев и тоа не е добро и тоа не можам да го подржам и никогаш нема да го подржам, македонскиот јазик е кодифициран и меѓународно признат 1977 година, тука немаме дилеми ниту пак јас, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ. Така што она што е добро коешто ги поврзува македонските граѓани и граѓаните на Бугарија го подржуваме, она што е спротивно на интересите на македонските граѓани, на Македонија ние не можеме да го подржиме, како што е прашањето поврзано со македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев“, рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање.

По вчерашната средба меѓу Борисов и Мицкоски, на која беше присутно и дел од раководство на партијата, Борисов објави видео на социјалните мрежи каде прашува дали ВМРО-ДПМНЕ го подржува Договорот со Бугарија, на што Мицкоски одговара дека „сè што може да биде позитивно и за двете страни и за Македонија и за Бугарија, ние поткрепуваме. И тука не треба да има дилеми“.

ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа Договорот со Бугарија во Собранието, а Мицкоски тогаш оцени дека е штетен за македонските интереси.