Грција ги затвора камповите за мигранти на островите

Грција го објави планот за управување со миграција, според кој 20 илјади мигранти ќе бидат преместени од камповите на островите на копно и тоа уште во наредните недели. Планот вклучува и укинување на отворените кампови на островите и уредување на објектите за сместување. Промените следуваат по порастот на мигранти кои доаѓаат од соседна Турција, вели заменик министерот за одбрана Алкивијадис Стефанис.

Грчките власти ќе ангажираат дополнително 400 чувари за копнената граница со Турција и 800 за островите.

Планирано е да се затворат три кампови, на островите Лезбос, Хиос и Самос, каде во моментов живеат над 27 илјади луѓе во многу лоши услови, оти капацитетот на трите кампови е само 4.500, но не кажаа до кога треба тие да бидат затворени. Наместо камповите на тие три острови, кои се најблиску до Турција, ќе се изградат затворени објекти со капацитет по 5000 места.

А помалите кампови на островите Кос и Лерос ќе се надградат.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во последните четири месеци во Грција стигнале 40 илјади мигранти.