Клиниката за Гастро го демантира адвокатот на Боки 13

Архивска фотграфија - Бојан Јовановски го носат во болница, откако му се слошува во Обвинителство.

Универзитетската клиника за гастроенетрохепатологија преку соопштение ги демантира тврдењата на адвокатот на Бојан Јовановски дека не сакале да го прегледаат и дека некои од лекарите се шегувале со неговата здравствена состојба.

Во соопштението се наведува дека на Јовановски му бил закажан преглед во понеделникот (18 ноември), со план да се направи негова подготовка во болница, но тој не бил донесен на Клиника.

„Истакнуваме дека внимателно ќе бидат разгледани новите медицински информации на пациентот, што за Стручниот колегиум на Клиниката, сепак е најбитно и ќе биде постапено согласно неговата здравствена состојба, како што налага медицината базирана на докази“, наведуваат од Клиниката.

Вчера адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дуковски рече дека неговиот клиент има неколку сериозни болести и побара Јовановски да биде хоспитализиран и да биде лекуван. Наведе дека затворскиот лекар му доцнел со давањето на терапијата три недели, на Клиника не сакала да го хоспитализираат, а здравствени работници го омаловажувале во врска со неговата сексуална определба.