Одложени судењата за „Т.Н.Т“ и „Маџар-Телеком“

Архивска фотографија - Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Одложено е судењето за предметот „Т.Н.Т“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски, поради полициска наредба за спроведување на обвинетиот Миле Јанакиески во ОЈО за гонење на организиран криминал за давање на исказ. Следното ќе се одложи за 25 ноември.

Претходно еден од адвокатите, побара списите од предметот да бидат на албански јазик. Судот информираше дека се обратил до Адвокатската комора и од таму добиле одговор дека според одредбите од Законот за адвокатура, за да може да ја извршува функцијата адвокатот, меѓу другото, треба и активно да го зборува македонскиот јазик. По мислење на судот овој случај е класичен пример за одолговлекување на постапката и спречување на правото.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.


Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше одложено и рочиштето за случајот „Маџар-Телеком“, поради оправдано отсуство на судијката Ленка Давиткова. На денешното рочиште требаше да биде сослушан ексразузнавачот Слободан Богоевски.

Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.

Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО. Следното рочиште за случајот „Маџар-Телеком“ е закажано за 28 ноември.