Османи: Новата методологија го раздвижува процесот на преговори

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со францускиот амбасадор Кристиајн Тимоние.

Прв впечаток од нон-пејперот од Франција во врска со новата методологија за преговори со Европската Унија е дека процесот се раздвижува и очекуваме многу бргу усвојување на методологијата, а и одлука за започнување преговори, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи попладнево по средбата со францускиот амбасадор Кристиајн Тимоние.

На прашање дали новата методологија, особено предлозите за реверзибилност и пристапот до структурните фондови, ќе го забави темпото и може да ја држи земјава долго во процесот на преговори, Османи одговори дека не смета дека со оваа методологија може да зборуваме дали ќе се скрати или ќе се продолжи.

"Методологијата допрва треба да се дефинира. Советот ќе ја задолжи Комисијата да ја разработи неа и да направи подетален план и начин на функционирање. Така што, тогаш ќе знаеме подобро дали ќе се одрази во забрзување или во евентуално забавување. Во оваа методологија се дава само рамката како треба да изгледа новиот пристап, но не и динамиката", рече Османи.

Францускиот амбасадор Тимоние изјави дека со самото тоа што документот е презентиран во исто време како и за земјите членки, е со намера да се покаже дека ја сметаат нашата земја за партнер.

"Првичната проценка, а сметам дека ќе има уште забелешки, многу добро демонстрира дека не сме во драматична ситуација, туку сме во една ситуација во која чекориме заедно за Северна Македонија да се интегрира во реобновената Европска Унија. Тоа беше кажано од Макрон уште од почетокот – не гледаме друга алтернатива освен интеграција на Западен Балкан.Таа можност треба да биде вистински овозможена, не само да се даде датум и да се добие резултат за 20-30 години. Сакаме нешто што е функционално, изјави Тимоние.

Додаде дека иако имало многу различни ставови во врска од одлуката во октомври во Брисел, речиси сите биле согласни за потребата од промена на методологијата за да се обезбеди поголема функционалност.

" Би сакале работите да бидат решени на почетокот на 2020 за да бидеме подготвени за самитот во Загреб, бидејќи тоа е рокот кој си го поставивме. Сега почнавме да разговараме за методологијата. Треба да работиме на тоа", додаде Тимоние.