Русија ги враќа запленетите украински бродови

Русија и ги врати на Украина трите воени бродови што ги зароби пред речиси една година во близина на Крим, украинскиот полуостров што Москва го анектираше во 2014 година.

Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека бродовите биле вратени откако итражителите целосно ги проучиле во тековната истрага за нелегално применување преку граница и нивното понатамошно присуство во Русија е непотребно.

Министерството за одбрана на Украина потврди дека ќе им бидат вратени бродовите.

На 25 ноември минатата година, руската крајбрежна стража ги заплени украинските бродови и 24 морнари. Украина тогаш рече дека станува збор за кршење на меѓународното поморско право. И покрај тоа што поморскиот трибунал на ОН нареди Русија веднаш да го ослободи екипажот и да ги врати бродовите, Москва тоа го игнорираше.

На 7 септември годинава беа ослободени 24-те членови на екипажот, како дел од размената на затвореници меѓу Русија и Украина.

Враќањето на бродовите доаѓа пред закажаниот самит за источна Украина кој треба да се одржи на 9 декември.