Трамп ќе ја посети Велика Британија за Самитот на НАТО во декември

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посети Велика Британија од 2 до 4 декември кога се одржува Самитот на НАТО. Се очекува тој да продолжи со барањата сојузниците да издвојуваат повеќе пари за одбрана.

Белата куќа вчера соопшти дека Трамп исто така планира да разговара за заканите кои произлегуваат од сајбер просторот и влијаат на критичната инфраструктура и телекомуникациските мрежи, како и за заканите од тероризмот.

Трамп некогаш има затегнати односи со НАТО, еднаш ја нарече организацијата застарена и постојано ги критикува членките, особено Германија, за неисполнување на ветувањата за зголемување на трошоците за одбрана.

Самитот ќе се одржи само неколку дена пред изборите во Британија на 12 декември, на кои премиерот Борис Џонсон се надева дека ќе добие поголема поддршка за неговиот договор за излез на Велика Британија од ЕУ.

Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп и првата дама Меланија исто така ќе присуствуваат на прием чиј домаќин е Кралицата Елизабета Втора.