Судење за „Титаник“ - Полицаец сведочеше за гласачите од Пустец

Архивска фотографија - рочиште за случајот Титаник

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ за изборни манипулации, сведочеше сведок вработен во Полициска станица Ресен. Сведокот Агрон Кранлиевски, на прашање од обвинителката Лиле Стефанова, рече дека од 2012 година му биле дадени за вршење на проверки повеќе од 100 луѓе на три адреси. Во првиот обид да провери дали на тие адреси живеат посочените луѓе не пронашол никого. И следните 2-3 обиди биле неуспешни.

А потоа во Избирачкиот список ги видел имињата на 78 луѓе кои претходно ги барал дали живеат на посочените адреси. Тој рече дека дневно во Полициската станица на сликање за лични документи доаѓале по околу 50 луѓе. Тој сведочеше дека тие луѓе му кажале дека се пратени да се сликаат од градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко.

Тој на прашање од пратеникот Илија Димовски, дали луѓето од Пустец што доаѓале во станицата Ресен веќе имале пасоши од РМ, пред да дојдат и побараат лични карти, сведокот рече да.

Следното рочиште е закажано за 20 ноември, за кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.

За изборни манипулации се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Случајот го отвори СЈО, за потоа да го презема државното Јавно обвинителство, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова.