Администрацијата се намалила за 25 илјади луѓе, тврди Заев

Премиерот Зоран Заев изјави дека бројот на административци е намален за повеќе од 25 илјади. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање за огласите за вработување во државните институции, рече дека администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади.

Заев изјави дека секогаш при крајот на годината има примање и трансформирање на работниот однос и оти најчесто се пополнуваат испразнетите работни места. Тој додаде дека тоа нема врска со изборите. Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека реформата во јавната администрација се одвива под буден мониторинг на Европската делегација.

Во последните денови актуелни се оглас за вработување во министерства и други државни институции, но и во локални самоуправи. Опозицијата обвини дека ваквите огласи на власта претставуваат предизборен поткуп на гласови.

Вчера министерот за администрација, Дамјан Манчевски рече дека огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Тој вели дека нема да се стопираат вработувањата заради изборите, бидејќи институциите имаат потреби.