Шведското обвинителство подигнало обвинение против Ирачанец кој наводно шпионирал за Иран, со тоа што собирал информации за ирански Арапи кои се бегалци во Шведска, Белгија и Холандија.
Обвинителството соопшти дека човекот, чиј идентитет не се открива, собирал информации за иранските Арапи и ги давал на Иран, преправајќи се дека е новинар од арапски медиуми.
Според Обвинителството тој бил активен четири години, се до февруари годинава, а прибавувал и информации од форуми на интернет, кои ги користеле приврзаници на опозицијата.
Тој наводно комуницирал со агенти на иранската разузнавача служба и лично и преку интернет.
Обвинетиот за шпионирање има ирачко и шведско државјанство, уапсен е на 27 февруари, а од 1 март се наоѓа во притвор.
Судењето ќе се одвива од 19 ноември до 11 декември зад затворени врати. Осомничениот ги отфла обвинувањата.
Иран е обвинет за дискриминација и гонење на арапското етничко малцинство во провинцијата Кузустан.