Ректорот Јанкуловски нема кривично да се гони

Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

Основното јавно обвинителство ја отфрли иницијативата за поведување постапка за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Антикорупциска во август соопшти дека ректорот Никола Јанкуловски, земал две плати, една од клиниката за Дигестивна хирургија и една како ректор на УКИМ. Било утврдено дека по изборот како ректор, тој не го ставил во мирување своето работно место на Дигестивна хирургија, а согласно законот требало. На овој начин, тој во периодот од 15.09.2016 година прибавил за себе имотна корист во износ од 2.450.000 денари по основ на плата од работен однос кој бил должен да побара да му биде ставен во мирување.

Потоа тој реагираше дека не крши ниту еден закон и нема судир на интереси како што велат антикорупционерите.

По спроведената предистражна постапка, надлежен јавен обвинител констатирал дека нема основано сомнение дека пријавениот ги сторил кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Несовесно работење во службата.

Од истрагата произлеглно дека пријавениот професор е во редовен работен однос со Клиника за дигестивна хирургија, каде што ги остварува сите права по основ на плата, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Во исто време тој е и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што извршува научна и едукативна дејност. По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата.

Целата досегашна практика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сите досегашни ректори имале склучено вакви договори со кои се регулирале нивите права и обврски и тие договори биле во целост почитувани и исполнети, стои во соопштението на Обвинителство.