Вучиќ: протестот пред РТС незаконски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Белград блиска средба на опоненети и поддржувачи на Вучиќ

Приврзаници на движењето „Еден на пет милиони“ и опозициската Алијанса за Србија се собраа пред зградата на Радиотелевизија Србија во центарот на Белград. Тие го блокираа главниот влез на зградата во протест поради, како што изјавија, владината контрола врз медиумите. Во истовреме дојде и група поддржувачи на власта.

Демонстрантите изјавија дека би сакале да му постават неколку прашања на српскиот претседател Александар Вучиќ пред неговиот настап на јавниот сервис, кој, како што велат, бил под негова контрола.

Ситуацијата стана тензична откако едната група извикуваше „Ацо Србине“, а другата „Вучиќ лопов“, додека се појавија и пароли против опозициските политичари.

Двете групи, кои ги разделуваше полицијата, се разотидоа додека се емитуваше програма на српската телевизија каде што Вучиќ беше гостин.

Притоа не дојде до блиска средба меѓу демонстрантите и претседателот на Србија кој изјави дека влегол во телевијата на спореден влез.

Тој додаде дека му е жал што пред зградата на Радио телевизија Србија дошло до непотребни кавги меѓу претставници на иницијативата „Еден од пет милиони“ со, како што рече,околу 30 негови приврзаници.

Вучиќ оцени дека собирот пред радиотелевизијата бил незаконски и оти со него се испраќало лоша порака кај меѓународната заедница.

„Мораме да реагираме повнимателно и да не прибегнуваме кон провокации“, рече Вучиќ, додавајќи дека тоа не е иднина на Србија и оти сака да се бори за нормална земја.

„Тие не можат да направат ништо со мене. Тие можат само да ме убијат. Што и да се обидоа за да ме спречат, не успеаја“, рече Вучиќ.

Антивладини демонстранти скоро една година секоја сабота во Белград организираат митинзи во знак на протест против владеењето на партијата на Вучиќ, за која тврдат дека е автократска, корумпирана и гази врз основните слободи.

Вучиќ и неговата партија ги негираат ваквите обвинувања.

Во најновиот светски индекс за слобода на печатот на „Репортери без граници“, Србија падна за 14 места на 90-тото од 180 држави во споредба со претходниот извештај.