СДСМ поддржува една изборна единица

Избирачко место

Премиерот Зоран Заев рече дека СДСМ поддржува промена на Изборниот модел со една изборна единица. Заев учествуваше на дебата на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“. Според Заев со овие измени највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата. Испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ, чии претставници не присуствуваат на тркалезната маса, внимателно да размислат.

Во врска со отворените листи рече дека СДСМ смета дека во моментов воведувањето една изборна единица е многу сериозен чекор и оти двете промени наеднаш тешко дека ќе можат да се спојат во моментов. Додаде дека отворените листи можат да се пробаат на следните локални избори, во 2021 година.

Во однос на претстојната средба на претседателот Стево Пендаровски со францускиот претседател Емануел Макрон, Заев рече дека таа може да биде само од помош и е можност уште еднаш да се разговара и да се претстават аргументите што се на нашата страна во процесот на проширување.

Тој изрази надеж дека во иднина ќе може да се сретне и тој со Макрон, посочувајќи дека „три-четири месеци барал средба“.