Украина го одложува повлекувањето на силите од источниот регион

Од Русија зависи датумот кога ќе се одржи самитот за ставање крај на конфликтот во Украина, рече министерот за надворешни работи на Украина, Вадим Прстајко. На долгоочекуваниот самит ќе се соберат лидерите од Украина, Русија, Франција и Германија.

Украинските вооружени сили се борат со сепаратистите во Луганск и во Доњецк од 2014, а во конфликтот досега загинаа повеќе од 13 илјади луѓе. Според договорот постигнат на почетокот од овој месец страните се согласија да започнат со повлекувањето од своите позиции во Золот и во блискиот град Петривск.

Но, денеска министерот за одбрана на Украина, Андриј Захородниук, соопшти дека Киев го одложува повлекувањето на своите сили од градот Петривск, кое првично беше планирано за 4 ноември, оти имало повреда на прекинот на огнот од страна на сепаратистите поддржани од Русија.

За време на посетата на Будимпешта на 30 октомври, Путин рече дека е подготвен да има состанок со лидерите на Украина, Франција и Германија. Но, рече дека таквата средба треба да биде добро подготвена и да даде конкретни резултати што ќе помогнат во решението.