Влада - не сме добиле покана за Евроазиска економска унија

Архивска фотографија- Седница на Владата на Република Северна Македонија

По информациите во некои медиуми дека рускиот постојан претставник во Европската унија Владимир Чижов ги поканил Северна Македонија и Албанија да влезат во Евроазиската економска унија (ЕЕУ) од македонската влада велат дека досега не добиле покана за пристапување во неа.

Од владата нагласуваат дека стратегиски интереси на државата се членството во ЕУ и НАТО и дека цврсто остануваат на определбата за исполнување на овие цели.

Како што пренесуваат медиумите Чижов поканата ја упатил во петокот, за време на Евроазискиот економски форум во Верона, Италија.

Албанија и Северна Македонија ќе наидат на разбирање побрзо во ЕЕУ отколку во ЕУ, рекол рускиот дипломат, забележувајќи дека двете земји сега се ставени “под мраз” од Брисел.

Ваквата информација следува откако Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговорите за зачленување во Европската унија поради француското противење.