Заев: Поддршката од ЕУ ми е силен ветер во грб да барам нов мандат

Премиерот Зоран Заев

Сонот за членство во ЕУ не е срушен. Другата опција се национализмот, радикализмот, неизвесноста и враќање назад во проблематичното и мрачно време во кое никој не сака да се врати, вели премиерот Зоран Заев во интервју за саботното издание на белградскиот дневен весник „Политика”.

Тој за весникот наведува дека Северна Македонија е на добар пат да стане 30-та полноправна членка на НАТО дополнувајќи дека одлуката за одредување датум за преговори со ЕУ беше одложена.

„Иако 27-те земји-членки на ЕУ јасно и гласно го поддржаа почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ, една земја инсистира најпрво на внатрешни реформи во ЕУ. Ја поддржуваме иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, но убедени сме дека Северна Македонија не би направила никаква штета ако и се даде шанса да започне преговори, туку напротив – тоа би било добра мотивација да се продолжи со внатрешни реформи, а во исто време со почитување на европските вредности, да придонесеме во реформските процеси во рамките на самата ЕУ“, вели Заев.

Во врска со одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон, која го успорила патот на Северна Македонија во ЕУ, премиерот Заев вели вели дека Франција во минатото, а и сега има помогнато во демократските реформи.

"Во потегот на францускиот претседател, јас гледам намера да се спроведат реформите во ЕУ, како и за ефикасни преговарачки процеси на земјите што ги отворија преговорите со ЕУ. “, изјави Заев.

На прашањето на „Политика” зошто наместо оставка се распишани вонредни парламентарни избори, кога дури и Макрон има изјавено дека се испонети сите барани услови, Заев изјави дека е коректно да го врати мандатот на народот, за да добие нова чиста поддршка за патот во иднина.

„Поддршката што ја добиваме од ЕУ е недвосмислена за отворање преговори. Таа поддршка доаѓа од целото раководство на Европската комисија, Европскиот парламент, од 27 земји-членки на ЕУ. Ни Франција не е против нас. Францускиот Сенат го усвои, во првата фаза, предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на РСМ во НАТО. Ова е силен ветер во грбот за да излезам пред граѓаните и да побарам од нив нов мандат, за мојата партија и јас да продолжиме да ја водиме земјата напред, кон НАТО, кон ЕУ, кон економски развиена, стабилна и безбедна држава, затоа што другата опција е национализам, радикализам, неизвесност, враќање назад во проблематичното и мрачно време, во кое никој не сака да се врати" вели Заев.