Заев: МОН и СОНК со преговори да изнајдат решение

архивска фотографија од прес-конференција на премиерот Зоран Заев

Да продолжат преговорите меѓу СОНК и Министерството за образование за зголемување на платите во образованието и да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, апелираше денеска премиерот Зоран Заев. Тој изјави дека како власт се свесни оти платите на просветните работници се ниски, но капацитетите на државата се такви, па затоа бара разбирање од синдикатите.

Тој додаде дека Владата прави максимални напори да се дојде до решение, бидејќи, како што рече, „ние може да понудиме тоа што навистина може да го дадеме, а тоа што го нема буквално е и невозможно“.

Заев изјави дека во образованието откако оваа влада е на власт имало две зголемувања на платите од по пет отсто, а сега на синдикатите им беше понудено ново покачување од април во висина од 10 отсто.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска најави дека на 11 ноември ќе биде организиран генерален штрајк од просветните работници доколку во наредните 15 дена не се изнајде решение за нивните барања. СОНК бара покачувањето да стартува од јануари 2020 година и процентот да биде предмет на договарање а не 10 проценти, колку што им е понудено. Дополнително СОНК бара од МОН и измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале.