Уапсен осомничен регрутер на ИД во Малдиви

Илустрација: Фотографија објавена на 16 мај од новинската агенција на милитантанта група на ИД, која покажува група милитанти како прославуваат.

Полицијата на Малдиви уапси локален маж за кој САД велат дека е регрутер за милитантната група Исламска држава, јавува АФП.

35-годишниот Мохамед Амин беше уапсен на 23 октомври под сомнение дека ширел „екстремистичка идеологија“, соопшти малдивската полиција.

Тој наводно мобилизирал борци за ИД во Сирија и Авганистан. Не се дадени дополнителни детали за осомничениот, иако американските власти минатиот месец го назначија како странски терористички лидер на ИД-Хоросан – група која наводно е активна во Авганистан и Пакистан.

Цитирајќи локални медиуми, АФП објави дека Амин прв пат пратил борци во Сирија, но оти сега бил фокусиран да регрутира луѓе од Малдиви да се борат во Авганистан.

Тој исто така е осомничен за вмешаност во експлозија во Султан парк во главниот град Мале во септември 2007 година, во која десетици туристи беа повредени со полесни повреди.