Либанската влада со економски реформи за смирување на протестите

Либанскиот премиер Саад Харири

Либанската влада го одобри пакетот економски реформи во обид да ги смири големите протести во земјата. Премиерот Саад Харири денеска ги објави реформите, откако пет дена демонстрантите протестираат. Тој изјави дека одлуките не се замена и не треба да го замолчат гневот на демонстрантите. Премиерот исто така рече дека ги поддржува повиците на демонстрантите за предвремени избори.

Протестите уследија по предлогот да се воведат нови даноци, вклучително и оној на услугите за јавување преку Интернет, кој беше укинат откако беше објавен минатата недела. Демонстрантите ја обвинуваат политичката елита за лошо управување, за трошење јавни средства и за корупција.

Харири порача дека платите на членовите на парламентот и на другите функционери ќе бидат намалени на половина како дел од реформскиот пакет. Се укинуваат и неколку државни институции, семејствата кои живеат во сиромаштија ќе добијат помош, а ќе се даваат и заеми за домување.