Турција - подготвени сме да ја продолжиме операцијата во Сирија

Архива - Чад од судирите во Сирија меѓу турската војска и сириските демократски сили.

Турските војници во северна Сирија се подготвени да ја продолжат офанзивата доколку во потполност не биде спроведен договорот со Вашингтон за прекин на судирите за да биде овозможено повлекување на курдските сили, изјави турскиот министер за одбрна Хулуси Акар.

„Ние ја запревме операцијата на пет дена. Во тој период терористите ќе се повлечат од безбедносната зона, нивното оружје ќе биде собрано, а позицииите уништени. Ако тоа не се случи, ја продолжуваме операцијата“, изјави Акар.

Тој наведе дека Турција ги спровела сите подготовки „со одредена наредба нашите војници да бидат подготвени да одат било каде“, рече Акар.

Турција и Вашингтон минатиот четврток се согласија Анкара да ја запре операцијата на 120 часа, додека курдската милиција не се повлече од „безбедносната зона“ на североистокот на Сирија.