Повици за мир по насилните протести во Барселона

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Насилни протести во Барселона

Илјадници Каталонци неколку дена протестираат во Барселона, изразувајќи протест поради повеќегодишните затворски казни на кои Врховниот суд на Шпанија осуди деветмина каталонски сепаратисти. Протестите минуваат со блиски средби меѓу полицијата и демонстрантите.

Демонстрантите фрлаа во воздух ролни тоалетна хартија. Организаторите на протестите велат дека на таков начин сакаат да покажат дека „имало многу работи што треба да се исчистат“.

Дошло и до пресметки меѓу полицијата и радикалните демонстранти кои палеле автомобили, фрлале молотови коктели и поставувале барикади на улиците.

Во досегашните протести биле повредени околу 200 луѓе.

Директорот на каталонската полиција Пере Ферер изјави дека се очекувале нови судири со радикалните сепаратисти во наредните денови.

Шпанскиот премиер во технички мандат Педро Санчес изјави дека властите нема да бидат испровоцирани да преземат подрастични мерки по судирите меѓу полицијата и демонстрантите.

Тој во телевизиското обраќање наведе дека владата на насилството ќе одговори „цврсто и смирено“.

За насилствата на протестите Санчес ги обвини, како што рече, „организираните групи екстремисти“.

„Милиони луѓе живеат во Каталонија и тие имаат право да живеат безбедно и во мир со право на свои политички идеи. Тоа е некомпатибилно со однесувањето на насилни групи што ги ставаат во опасност мирот во нивните градови, имотите на нивните соседите и физичкиот интегритет на граѓаните, дури и сопствените. Ниту еден лидер не може да го скрие својот неуспех зад завеси од чад и оган“.

Премиерот Санчес претходно се консултирал со другите политички лидери за ситуацијата во Каталонија, а некои од нив барале воведување вонредни мерки во тој шпански регион.

Телевизиско обраќање по насилните протести во Барселона имаше ирегионалниот лидер на Каталонија Квим Тора.

Тој оценувајќи дека е добро да се протестира за, како што рече, неправедна работа, исто така повика на смирување на ситуацијата.

„Повикувам на смиреност и спокојство. Движењето за независност не е насилно. Ние секогаш го осудувавме насилство. Не можеме да дозволиме инциденти што се случуваат на улиците на нашата земја“.

Врховниот суд на Шпанија во понеделникот осуди деветмина поранешни каталонски официјални претставници на казни затвор од девет до 13 години поради улогата што ја имаа во обидот за одвојување на Каталонија од Шпанија во 2017 година.