Членките на ЕУ не постигнаа согласност за преговори за Македонија и Албанија

Архивска фотографија- Вицепремиерот Бујар Османи и финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен

Земјите членки на Европската унија не успеаја да се согласат за отворање на преговори за зачленување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија, рече попладнево финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен по состанокот со нејзините колеги во Луксембург, пренесува германската агенција ДПА.

"Ова не е славен момент за Европа“, рече еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој додаде дека големо мнозинство земји-членки ја поддржале препораката за почеток на преговорите.

Според Хан нема дилема дека понатамошното одложување ќе наштети на кредибилитетот на ЕУ во земјите од Западен Балкан и како што рече на европските амбиции да станат посилен глобален играч.Тупураинен рече дека за прашањето за датумот за преговори за Северна Македонија и Албанија ќе разговараат лидерите на земјите-членки на ЕУ на состанокот неделава во Брисел.