Луксембург- Франција, Германија и Италија против раздвојување на Македонија и Албанија

Илустрација- знамиња на земјите-членки на Европската унија

Одлуката за почеток на преговори за зачленување на Северна Македонија и Албанија во Европската унија најверојатно нема да биде донесена денеска на состанокот министрите за надворешни работи на ЕУ, јави дописничката на МИА. Очекувањата се дека евентуална одлука може да има на Самитот на ЕУ в четврток и петок во Брисел

На последниот предлог за раздвојување на двете земји и започнување на преговори прво со Северна Македонија се противат три земји – Франција, Германија и Италија. Франција се противи поради тоа што не сака никакво ново проширување пред да се реформира преговарачкиот процес, додека Германија и Италија стравуваат дека доколку преговорите започнат само со Северна Македонија, Албанија „вечно“ ќе остане во чекалницата на ЕУ, велат за МИА дипломати од земја членка на ЕУ.

Холандија, според нив, не се противи на раздвојувањето од Албанија, бидејќи Хаг мора да ја следи одлуката на холандскиот Парламент кој смета дека Скопје е подготвено за преговори, а Тирана не. Останува дека Холандија сака да го услови отворањето на преговорите со носењето на законот за јавно обвинителство, како што најави утрово шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, пред почетокот на министерскиот состанок. Доколку се дојде до договор за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, Хаг би барал првата меѓувладина конференција да се одржи само откако ќе биде задоволено барањето за независно јавно обвинителство.