Последни разговори и поддршка пред Советот на ЕУ да одлучува за датум

Вицепремиерот Бујар Османи

„Независно дали одлуката ќе биде денес или утре, дали ќе биде ДА или НЕ, за нас сонцето и натаму ќе изгрева на Запад“, напиша вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на Фејсбук, кој отпатува во вонредна посетана Луксембург и Брисел. Тој ќе разговара и ќе се консултира со претставници на Европската унија во пресрет на Министерскиот состанок за општи работи, на кој ќе се одлучува за почеток на преговорите.

Нема напредок по синоќешниот амбасадорски состанок во Луксембург за отворањето на преговорите со Македонија и со Албанија, па таа одлука денеска им се остава на Советот за општи работи на ниво на шефови на дипломатии што се одржува во Луксембург.

Дел од министрите пред состанокот во Луксембург ги повторија своите позиии за поддршка на почеток на преговорите.

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот изјави дека позицијата на Берлин е кристално јасна, односно дека поддржуваат почеток на преговори со Скопје и Тирана

И министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, денеска ја повтори позицијата на неговата земја дека Северна Македонија е поподготвена од Албанија за почеток на преговорите со ЕУ.

Финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен при пристигнувањето во Луксембург рече дека Европа има обврски кон Западен Балкан.

На дневен ред, денеска на состанокот во Луксембург, е и Брегзит, а финската министерка нагласи дека мора да бидат подготвени на сите можни сценарија.