Димитров: Ова не е обичен совет на ЕУ, ова е нашиот состанок со историјата

Обраќање на министерот Димитров пред комисијата за надворешни работи на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент каде побара од Европската Унија да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство дадено во јуни 2018-та година.

Димитров истакна дека доколку оваа недела нема позитивна одлука за старт на пристапните преговори со Унијата, „нема да биде лесно“ да се продолжи со истата политичка енергија во земјата, но и дека тоа ќе значи голема разочараност за самите граѓани. Тој изрази поддршка и за барањата на Франција за промена на методологијата за преговарчкиот процес.

„ Оваа недела дефинитивно за македонските граѓани не претставува само уште еден обичен Совет на ЕУ. Ова е нашиот состанок со историјата, на кој се очекува донесување на долгоочекуваната и како што е потврдено од многумнина, заслужената историска одлука за почеток на преговори со ЕУ. Историска во смисла на тоа што претставува отворање на вратата за поддршка на процесите за неповратна и одржлива демократска преобразба на земјата. Но и повеќе од тоа. Таквата одлука ќе претставува и вистински сигнал во вистинско време до целиот регион на Западен Балкан и пошироко, потврдувајќи ја вербата на граѓаните во европската идеја и надежта на прогресивните сили во кредибилноста на даденото ветување за европска перспектива на земјите од Регионот, согласно индивидуалните заслуги и постигнувања“, рече министерот Димитров пред европските пратенци.

Министерот потсети на важноста на сигналот за старт на преговори за целиот регион и кредибилитетот на Унијата во истиот.

Француската пратеничка од редовите на партијата на Емануел Макрон и поранешна министерка за европски прашања, Натали Лоазо, порача дека Северна Македонија и припаѓа на Европската Унија од секој аспект и истакна дека ја разбира важноста да се задржи европската перспектива за да се поддржат реформските сили во земјата.