Албин Курти и Вјоса Османи се договорија за новата косовска влада

Вјоса Османи и Албин Курти

Албин Курти, лидерот на Самоопределување, по денешната средба со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, и со кадидатката за премиерка од таа партија, Вјоса Османи, изјави дека двете партии победнички на избори се согласиле заедно да ја формираат новата косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тој додаде и дека со Османи се согласиле оти е потребно минимализирање на бројот на министри и заменици министри и дека новата влада нема да има повеќе од 12 министерства.

Кандидатите за премиер од двете партии, Курти и Османи, рекоа дека на денешната средба не се разговарало за детали, туку само се договорени принципите за заедничко владеење и се согласиле да ја чекаат конечната потврда на изборните резултати пред да го постигнат финалниот договор.

На новинарско прашање дали ќе има договор и со партијата која победи во српскиот блок, Српската листа, Курти рече дека првично ќе разговара со Србите кои се надвор од таа партија, а потоа ќе го испочитува Уставот во однос на застапеноста на таа етничка заедница во новата влада на Косово.