Заев времено ќе отстрани секого кој е осомничен или обвинет

Зоран Заев

Кога некое лице ќе биде осомничено, обвинето или слично, тогаш ја применуваме мерката времено отстранување за да си докаже невиност, одговори денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање во врска со новата истрага на Јавното обвинителство за измама, во која, неофицијално, како што објавија медиумите, е осомничена и собраниската потпретседателка Фросина Ременски.

Премиерот рече дека нема целосни информации, бидејќи само што му ја соопштиле информацијата за истрагата и дека утре ќе го кажел конечниот став.

„На симнување ја добив информацијата дека има соопштение или изјава, а сега вие кажувате за кои лица се однесува, односно за потпретседател на Собрание. Ние секојпат сме го кажувале нашиот став, кога некое лице ќе биде осомничено, обвинето или слично, тогаш ја применуваме мерката на санкции која што значи времено отстранување за да си докаже невиност, вратите се отворени секогаш за секој. Ако се бориме за владеење на правото и еднаков третман за сите пред законот, тоа мора да го почитуваме без разлика дали се однесува и на сите нас носители на одредени партиски или општествени функции“, рече Заев.