Утре продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

Собраниска седница

Пратениците попладнево ја продолжија расправата по Предлог дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2019 година што најмногу може да трае пет дена. Расправата ќе продолжи и утре.

Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Министерката за финансии Нина Ангеловска во своето обраќање рече дека целта на ребалансот е да се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обвини дека со рабалансот се финансираат краткорочни популистички, наместо долгорочни развојни проекти.