Костадинов: Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици се уште не е официјално

Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ

"Мислењето на Венецијанската комисија сѐ уште не е официјално, комуникацијата на ниво на институции продолжува" изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, на прашање на новинарите во врска со драфт верзијата од Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците. Тој рече дека непринципиелно е да се коментира драфт верзија.

"Зошто не го коментираме? Од причина што сеуште постои комуникација помеѓу институциите и Венецијалнската комисија во однос на насоките, мислењата, а со тоа се потврдува дека може да претрпи промени до официјалното објавување на нивното мислење, секако ќе оставиме простор да излезе официјалното мислење на Венецијанската комисија, а потоа ќе можеме конкретно да ги коментираме нашите ставови“, рече Костадинов.

Според драфт верзијата,објавенa од порталот „Плусинфо“. Венецијанската комисија има забелешки и бара законот да се ревидира без користење на скратена собраниска постапка бидејќи, како што е наведено, иако се унапредува албанскиот јазик, на институциите им се наметнуваат нереални правни обврски.

Пратеникот на ДУИ Артан Груби изјави дека какво и да е мислењето од Венецијанската комисија, тоа ќе се почитува, но, потенцира дека ниту една цена за имплементација на некој закон не е поголема од цената на мирот и добрите меѓуетнички односи.

"Не е примено мислењето на Венецијанската, но какво и да е, ние ќе го почитуваме. Во оваа драфт верзија, Комисијата ги поздравува унапредените јазични права на и изразува загриженост само во делот на цената на чинење на неговата имплементација. Цената на мирот на еднаквоста и меѓуетничките односи е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор. Комисијата го поздравува и дава позитивно мислење за употреба на албанскиот јазик кај партиите и униформите" вели Груби.

За Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски ова е правна шлаканица за Владата.

"Пазарењето на премиерот Зоран Заев да формира влада со носење на нефункционални закони резултираше со препораки од Венецијанската комисија коишто се правна шлаканица правна шлаканица за целата Влада" изјави пратеникот Антонијо Милошоски.

Неговиот сопартиец , Илија Димовски изјави дека владејачкото мнозинство го изгласа законот пред да ги консолидираат забелешките од Комисијата, како и дека беше ветувана имплементација на препораките.

Венецијанската комисија на 120 та пленарна седница во петок треба да го разгледа нацрт-заклучокот за законот за употреба на јазиците.