Белата куќа соопшти дека американските сили во северо-источна Сирија ќе се тргнат настрана и ќе го расчистат патот за најавениот напад на турските сили, во суштина напуштајќи ги курдските борци кои се бореа заедно со американските сили во долгогодишната битка против милитантите на Исламска држава, пренесе агенцијата АП.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред неколку месеци се закани дека ќе ја започне воената операција преку границата. Тој ги смета курдските сили за закана за неговата земја.
Републиканците и демократите предупредуваат дека дозволувањето на турскиот напад може да доведе до масакар на Курдите и да испрати вознемирувачка порака до американските сојузници низ целиот свет, пренесе АП.
Американските трупи „нема да поддржат или да бидат вклучени во операцијата“ и „повеќе нема да бидат во непосредна близина“, во северна Сирија, изјави секретарот за односи со јавноста на Белата куќа, Стефани Гришам, во необична изјава без спомнување на за судбината на Курдите.
Во северниот дел на Сирија има околу 1.000 американски војници, кои, како што изјави висок американски официјален претставник, тие ќе се повлечат од областа и потенцијално ќе ја напуштат земјата во целост доколку избијат широко распространети борби меѓу турските и курдските сили.
Ова доаѓа по телефонскиот разговор на американскиот претседател Донал Трамп и и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.