Заев - Помпео: Северна Македонија ќе биде силен сојузник во НАТО

Драго ми е дека сум тука на 25-годишнината на нашите меѓусебни дипломатски односи и ви благодарам на топлото добредојде. Почнавме со мала канцеларија, сега имаме големо дипломатско претставништво и како тоа растеше, така растеше и пријателскиот и искрен однос со Северна Македонија, рече денеска американскиот државен секретар мајк Помпео, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Охрид.

„Убеден сум дека Северна Македонија ќе биде силна земја сојузник во НАТО и сигурен сум дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство, со што и формално ќе ви пасакаме добредојде во Алијансата“, рече Помпео.

Помпео го поздрави, како што рече, историскиот Договор од Преспа, како и Спогодбата за добрососедство со Бугарија и се заблагодари за учеството на нашата армија во мисиите заедно со војската на САД.

„Како водечка демократија во светот, САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото, а борбата против корупцијата е од клучна важност како за членството во НАТО и ЕУ, така и за вашите граѓани. САД ќе продолжата да бидат партнер на Северна Македонија“, рече Помпео.

Премиерот Заев на прес-конференцијата уште еднаш им се заблагодари на САД за силната поддршка и за стратешкото партнерство.

„Членство во НАТО значи постигнување на една историска цел, тоа е голема придобивка за нашата земја и за целиот регион. За неколку дена од Брисел очекувам добра вест, што ќе биде добро и за безбедноста во регионот. Северна Макеоднија заслужува да добие датум за преговори. Стабилен балкански регион е во интерес на ЕУ и оваа посета на државниот секретар Помпео е од огромно значење за нас“, рече премиерот Заев.

Премиерот рече дека на средбата го информирал Помпео за достигнувањата на актуелната влада, за тоа дека е ослободена заробената држава и дека се зајакнати институциите.