Османи - Убеден сум дека добиваме датум за почеток на преговори со ЕУ

Вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска искажа увереност дека Македонија на 17 октомври ќе добие датум за почнување преговори со Европската унија.

„Јас мислам да. Еве можеби првпат вака оптимистички ќе кажам дека мислам дека оваа година ние почнуваме преговори“, рече Османи во интервју за ТВ Канал 5.

Тој ја сподели својата дилема во јавноста дали предлогот ќе биде декември 2019 година за започнување на првата меѓувладина конференција или јануари, кога технички ќе биде спремен процесот.

„Но, убеден сум дека добиваме датум за започнување преговори“, рече Османи.

Според вицепремиерот Османи, по Германија и од Франција се очекуваат позитивни информации за ставот за наше отпочнување на преговори со ЕУ.

„Информациите од земјите – членки се такви и дека и Франција ќе одговори позитивно на аргументите коишто ги дадовме како држава во целиот овој период и во смисла на затворање на политичките прашања и резултатите во смисла на реформите коишто ги направивме“, вели тој.