ЕУ го поздрави договорот за формирање Уставна комисија во Сирија

Знаме на Европската Унија, илустрација

Европската унија го поздрави долгонајавуваниот договор за формирање на Уставна комисија во Сирија.

„ЕУ постојано тврди дека за секое одржливо решение на конфликтот потребна е вистинска политичка транзиција како што е наведено во Резолуцијата на советот за безбедност при ОН 2254 во рамките на преговорите за Сирија во Женева предводени од ОН,“ изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го најави планот за формирање на ново тело кое ќе има задача да напише нов устав на Сирија по цело осум години војна кои ја урнисаа државата и го раселија населението. Според Гутереш, уставната комисија може и мора да биде почеток на политичкиот процес кој ќе стави крај на конфликтот. Унијата ја истакна потребата за позитивен развој паралелно со работата на уставната комисија.Таа додава дека има силна волја да ја поддржи Сирија во мировниот процес на било кој начин во соработка со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Гир Педерсен.