Димовски: Нема да дозволиме во АНБ да работат луѓе кои имаат конфликт на интереси

Виктор Димовски, директор на Агенција за национална безбедност

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски во интервју за МИА нагласува дека основен приоритет е да се заврши реформата и да отпочнат со работа како релевантен безбедносен субјект, што ќе има капацитет да одговори на современите безбедносни предизвици и да се грижи за националната безбедност.

Пред утрешната најавена работна посета на АНБ од страна на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, тој посочува дека определба на раководство е да имаат нов пристап, целосна отвореност кон јавноста, целосно транспарентни во однос на надлежните собраниски комисии.

Во врска со забелешките во јавноста во однос на селекцијата на кадрите вработени во Агенцијата., Димовски посочува дека комисијата одржала 39 состаноци во изминатиот период и конечно ја усвоила листата со потребниот број вработени кои ги задоволуваат критериумите кои претходно биле утврдени.

Нема да дозволиме, истакнува, во Агенцијата да работат евентуално луѓе кои имаат конфликт на интереси, да има припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови. Потенцира дека воделе сметка за законската обврска за правична застапеност, но и строго ги почитувале одредбите од членот 67 од Законот за кандидатите за вработување или на оние кои работеле во поранешната УБК со евентуално двојно државјанство.