Заев, Боки, Трамп и Грета

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА / АЛБАНИЈА - Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ соопшти дека лидерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама на почетокот на октомври во Белград ќе разговараат на темата за формирање на таканаречениот Мал Шенген, што, како што рече вицепремиерката, не е нова Југославија, ниту Голем Балкан, туку чиста економија.

МАКЕДОНИЈА - Откако одби да даде исказ во Обвинителството за случајот Рекет, без да ги види доказите против него, првоосомничението Бојан Јовановски - Боки 13, беше спроведен од истражниот зaтвор во Обвинителството за организиран криминал и корупција, за да направи увид во доказниот материјал.

РУСИЈА / ВЕНЕЦУЕЛА - Рускиот претседател Владимир Путин во Москва му беше домаќин на Николас Мадуро, демонстрирајќи поддршка во услови сложена ситуација во таа земја, објавија светските новински агенции.

САД / УКРАИНА - Претседавачот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси, од Демократската партија, објави покренување официјална истрага која може да води до сменување на претседателот Доналд Трамп. Основата на постапката е сомнежот дека Трамп, настојувајќи да обезбеди реизбор од претседателот на Украина Володомир Зеленски барал да ги истражи тамошните активности на синот на неговиот политички ривал Џо Бајден. Зеленски изјави дека на него никој не може да направи притисок, освен неговиот 6-годишен син.

ИРАН - Иран нуди согласност за зајакнати инспекции на својата нуклеарна програма, доколку американскиот Конгрес го ратификува нуклеарниот договор од 2015 година и Вашингтон ги укине сите санкции за Иран, објави иранската телевизија на англиски јазик ПресТВ, пренесоа светските новински агенции.

ИЗРАЕЛ - Израелската полиција соопшти дека уапсила палестински министер задолжен за Ерусалим поради политичка активност во источниот дел на градот, пренесоа светските новински агенции. Министерот Фади ал-Хадами е обвинет за кршење на закон со кој се забранува палестинската власт со седиште во Западниот Брег да има политичка активност во Ерусалим.

ШВЕДСКА / САД - Шведската активистка против климатските промени Грета Тунберг е една од добитничките на т.н. алтернативен Нобел, наградата Рајт Лајвлихуд, објави новинската агенција Асошиејтед прес. Шеснаесетгодишната Швеѓанка ја доби наградата за нејзините инспиративни барања за итно дејствување против климатските промени, засновани на научни факти, наведуваат од Фондацијата која ја доделува наградата.