Судењата за предметите на СЈО ќе продолжат, вели Дескоска

Рената Дескоска

Министерката за правда Рената Дескоска денеска порача дека без силно, независно обвинителство попусто се говори за правна држава и ги повика пратениците кои треба да гласаат за новиот закон да размислат каде ја гледаат иднината на земјата.

Таа додаде дека носењето на законот за ЈО веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО и нивниот трансфер во ЈО, но е потребно заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот систем. Сега, рече таа, веќе е извесно дека предметите на СЈО ќе продолжат пред судовите.

„Јасно е дека без силно, независно обвинителство попусто говориме за правна држава. Вложувањето во обвинителството е инвестиција во градење правна држава. Но, не само тоа. Обвинителствата создаваат и вредност за државата: ги враќаат украдените пари на граѓаните. Клучни за градење на правната држава се: добрите закони, вложувањето во обвинителствата, судовите, капацитетите на правосудните органи. Во оваа прилика уште еднаш ги повикувам сите патеници во Собранието да размислат каде ја гледаат иднината на нашата земја. Дали нивните европски аспирации се искрени и дали се подготвени спремни да придонесат за јакнење на правната држава кај нас и да ја дадат поддршката за Законот за ЈО“, рече Дескоска.